Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во своето петиполгодишно работење застана рамо до рамо во ефикасното постапување со сродните институции во развиените европски демократии во областа на заштитата на личните податоци.
Ова беше констатирано на  работната средба одржана во Комисијата на 28 јуни, на која присуствуваа експертите Коен Версмисен и Петар Ќурчиев  ангажирани од Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Скопје, за имплементација на проектот „Пристап до судските одлуки и правото на заштита на личните податоци“, претставник од Дирекцијата за заштита на личните податоци и претставници на Комисијата.
На оваа работилница беше презентирана поврзаноста на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и правото на заштита на личните податоци и беа компарирани искуствата на Комисијата во оваа сфера со оние на Холандија, Германија, Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска и на други европски земји. Притоа беше нагласено дека службените лица во Комисијата, кои работат директно на материјата на заштита на личните податоци, при анонимизација на  одлуки постапуваат на ист начин како и нивните европски колеги, особено поради фактот што Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер содржи одредби кои ги штитат личните податоци, речиси идентични со оние во европската легислатива.