На 6 септември 2011 година, во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, а со поддршка на Дирекцијата за заштита на личните податоци, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, ќе се одржи еднодневна меѓународна „Работилница на тема „Балансот помеѓу правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и заштитата на личните податоци во новинарското известување“.
Работилницата ќе ја отворат и присутните учесници ќе ги поздрават г-дин Пеце Ташевски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и г-дин Димитар Ѓеорѓиевски, Директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Г-ѓа Наташа Пирц Мусар, Комисионер за Информации на Република Словенија ќе говори на тема „Како да се постигне вистински баланс помеѓу пристапот до информациите од јавен карактер и заштитата на личните податоци“, а г-дин Свен Хермешмит, правник во Сојузната Комисија за заштита на податоците и слободата на информирање на Германија ќе ги презентира германските искуства на истата тема.
Претседателот на Здружението на новинари на Република Македонија, г-дин Насер Селмани ќе се осврне на темата „Одговорноста на новинарите во однос на заштитата на личните податоци и правото на новинарите да имаат пристап до информации од јавен карактер“, додека г-дин Јан Дегуара од Канцеларијата на Комесарот за информации и заштита на податоци на Малта ќе говори за „Слобода на информации, право на приватност, слобода на изразување – вистинскиот баланс“.
По презентацијата на темите предвидена е дискусија во која се очекува проактивно учество од страна на поголемиот број поканети претставници на медиумите, службените лица задолжени за посредување со информациите од јавен карактер, како и на лицата задолжени за односи со јавноста при државните институции и органи.