Во организација на Општина Битола и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер,  на 12  октомври (среда) 2011 година,  со почеток  во  10.00 часот,  во просториите на општината, ќе се одржи еднодневна обука на тема: „Право на слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Поздравни обраќања до присутните ќе имаат градоначалникот на Општина Битола,  г-дин Владимир Талески и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, г-дин Пеце Ташевски, а обуката ќе ја реализираат предавачи од Секретаријатот на Комисијата.
Целта на обуката е едукација и подигнување на јавната свест на службените лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од јавните претпријатија и установи, судската власт, локалната самоуправа, образовните и здравствените установи, како и од правните и физичките лица и институции кои имаат јавни овластувања во општините Битола, Ресен Демир Хисар, Новаци и Могила, а во функција на  побрза имплементација на законските одредби во праксата и обезбедување на потранспарентно и поодговорно владеење во Македонија.
Со едукативната средба во Битола, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ќе ја продолжи серијата обуки што  планира да ги реализира во соработка со  пооделни единици на локалната самоуправа. Пред десетина дена идентична регионална обука се одржа во Струга, а опфатени беа службени лица и од Охрид, Вевчани и Дебарца.