МАСОВЕН ИНТЕРЕС ЗА РЕГИОНАЛНАТА ОБУКА ВО БИТОЛА
Во организација на Општина Битола и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во просториите на општината се одржа еднодневна обука на тема: „Право на слободен пристап до информации од јавен карактер“.Едукативната средба од регионален карактер се одржа во присуство на голем број (39) службени лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од јавните претпријатија и установи, судската власт, локалната самоуправа, образовните и здравствените установи, како и од правните и физичките лица и институции кои имаат јавни овластувања во општините Битола, Ресен Демир Хисар, Новаци и Могила, а ја отвори претседателот на Комисијата, господинот, Пеце Ташевски. Поздравувајќи ги присутните, тој рече дека оваа работилница претставува континуитет на согледаната потреба за организирање на поголем број обуки во соработка со останатите општини во Република Македонија, а во функција на што поголемо приближување на одредбите на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер до лицата кои најдиректно се задолжени за неговата имплементација.
Предавачите од Секретаријатот на Комисијата ги информираа присутните за основните цели на Законот како и за водењето на жалбената и прекршочната постапка, додека одделни службени лица низ проактивен пристап ги презентираа искуствата стекнати во нивната дотогашна пракса. Беше оценето дека преку ваквите обуки ќе дојде до побрза и поуспешна имплементација на законските одредби во праксата, а во функција на обезбедување на потранспарентно и поодговорно владеење како на локално, така и на централно ниво.
Регионална обука во соработка со Комисијата претходно се одржа и во Струга, каде освен тамошните службени лица присуствуваа и луѓето задолжени за посредување со информациите од јавен карактер од институциите од општините Охрид, Вевчани и Дебарца.