Во организација на Општина Делчево и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер,  на 24  ноември (четврток) 2011 година,  со почеток  во  10.00 часот,  во просториите на општината, ќе се одржи еднодневна обука на тема: „Право на слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Целта на обуката е едукација и подигнување на јавната свест на службените лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер од јавните претпријатија и установи, судската власт, локалната самоуправа, образовните и здравствените установи, како и од правните и физичките лица и институции кои имаат јавни овластувања во општините Делчево, Македонска Каменица и Пехчево, а во функција на  побрза имплементација на законските одредби во праксата и обезбедување на потранспарентно и поодговорно однесување на институциите.
Поздравно обраќање до присутните се очекува да има градоначалникот на Општина Делчево  г-дин Горан Малешевски, а воведни напомени за темата ќе даде претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, г-дин Пеце Ташевски. Обуката ќе ја реализираат предавачи од Секретаријатот на Комисијата.
Идентични  регионални обуки за службените лица во претходните неколку месеци Комисијата организираше и во Струга односно Битола, каде присуствуваа и лицата задолжени за посредување со информациите од јавен карактер  со кои располагаат  органите и институциите од уште неколку соседни единици на локалната самоуправа.