Денеска во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, се одржа обука за службените лица од јавните претпријатија и општините од Скопје и околината. Присутните ги поздрави претседателот на Комисијата г-дин Пеце Ташевски, кој меѓу другото, истакна дека целта на обуката е подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на лицата задолжени за имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со обврските кои произлегуваат од него. Тој рече дека обврска на институциите е да промовираат отвореност и јавност во својата работа.
Обучувачи од Секретаријатот на Комисијата, ги запознаа учесниците со историјатот и развојот на правото на слободен пристап до информации во Македонија, а преку претставување на Законот, службените лица стекнаа знаења и за постапката по барање информација од јавен карактер, жалбената и прекршочната постапка, како и за обврската на имателите на информации да подготват Годишен извештај. Со проактивно учество на службените лица, беа разгледани и неколку досегашни примери од барања што биле упатени до одделни јавни претпријатија, односно општини.