Денеска, во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, беше организирана обука за службени лица од државните институции, општините во Р.М., јавните претпријатија и од правните и физички лица кои вршат јавни овластувања. Тема на обуката беше: „Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер„ и истата има за цел да ја подигне јавната свест и степенот на имплементацијата на Законот во пракса од страна на службените лица.
Обуката ја изведоа обучувачи од Секретаријатот на Комисијата, кои присутните ги воведоа во историјатот и развојот на правото на слободен пристап до информации во Македонија, а преку претставување на Законот, службените лица се запознаа со постапката по барање информација од јавен карактер, за постапката и текот на жалбената и прекршочна постапка и за обврската на имателите на информации преку службените лица да го подготват Годишниот извештај. Во понатамошниот дел од обуката учесниците преку примери од досегашната пракса ги изнесуваа своите гледишта околу барањата кои биле упатени на адреса на нивните институции.