Во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, денеска се одржа обука наменета за лицата задолжени за посредување со информациите од јавен карактер од јавните претпријатија и установи. Обуката се спроведе за да ја подигне свеста за значењето на ова демократско право кое граѓаните како баратели можат да го користат, а тема на истата беше: „Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер„. Целта на обуката е да се подигне степенот на имплементација на Законот во пракса од страна на службените лица.
Стручните лица од Секретаријатот на Комисијата кои ја одржаа обуката ги запознаа присутните со историјатот и развојот на правото на слободен пристап до информации, а во вториот дел го претставија Законот преку практични примери. Преку интерактивен пристап, службените лица се запознаа со постапката по барање информација од јавен карактер, со постапката и текот на жалбената и прекршочна постапка, како и за обврската на имателите на информации да го подготват Годишниот извештај. Практични примери од праксата беа разработени во завршниот дел од обуката, преку кои службените лица ги изнесуваа своите гледишта околу конкретни постапки по барања кои биле упатени до нивните институции и по истите постапувале.