Во организација на фондацијата Метаморфозис, а со поддршка на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Институтот отворено општество–Македонија, во скопскиот хотел “Холидеј Ин” од 15 до 17 ноември се одржа Втората меѓународна конференција” е–ОПШТЕСТВО.Мк”.
Поздравни обраќања до присутните имаа Миле Јанакиевски министер за транспорт и врски на Република Македонија, амбасадорот Наталија Дрозд, в.д. раководител на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество–Македонија.
Во рамките на конференцијата (на 15 ноември), се одржа посебна пленарна сесија посветена на Слободниот пристап до информациите и заштитата на личните податоци, на која учествуваше и Јанко Николовски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во своето обраќање тој говореше за значењето на Законот за слободен пристап до информации, при што посебно се осврна на предизвиците, дилемите и опасностите кои произлегуваат од спроведувањето на Законот.