Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер им укажува на сите иматели на информации дека веќе постапува по бројни жалби на незадоволните баратели на информации од јавен карактер.
Поради тоа, Комисијата смета дека не треба да се информира, односно да дознава од пишуваните и од електронските медиуми дека одредени иматели “немаат време за одговарање на глупави прашања”.
Комисијата потсетува дека ЗСПИЈК наложува да се одговори на секое, токму на секое барање поднесено на начин пропишан во Законот, дури и во случај некој тоа да го смета за тривијално. Од друга страна, Комисијата посочува и на членовите 37; 39; 40; 41; 42 и 45 од ЗСПИЈК кои, претставуваат секојдневна опомена за ажурно работење и водење посебен регистар за ваквите барања и постапувањето по нив.
Во поштата која ја прима Комисијата, односно преку нејзиниот е-маил, дневно се јавуваат од 120 до 210 (не се вброени телефонските повици и пишаната пошта) заинтересирани, кои се интересираат за деталите во спроведувањето на ЗСПИЈК. Тоа сведочи дека проблематиката треба да се сфати сериозно.
Оттаму, според Комисијата, многу е пожелно имателите на информации, еднаш месечно (првиот ден од месецот за последниот изминат 30-дневен календарски период) да ја известат колку барања имаат добиено, на кој начин е постапено по нив, од каков карактер се барањата (мноштвото од нив) и слично. Тоа би ја олеснило би ја забрзало постапката по евентуалните жалби од барателите на информации.