Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер укажува на пооделни случаи на непочитување на Законот за слободен пристап до информации од страна на некои иматели на информации. Комисијата располага со усмени сознанија според кои, одделни иматели бараат енормни суми за надомест на трошоците за посредување на информации и незаконски и неовластено наплатуваат дури и административни такси.
Поради тоа, Комисијата ги потсетува и граѓаните во својство на баратели, но и имателите на информации на член 29 (став 1) од Законот за слободен пристап до информации дека увидот во бараната информација е бесплатен. За добиениот препис, фотокопија или електронски запис на информацијата, закондавецот пропишал барателот на информацијата да плати надоместок во висина на материјалните трошоци. Доколку пак барањето се однесува на информација од поголем обем, имателот на информацијата може да побара однапред да биде платен надоместокот за покривање на трошоците за добивање на информацијата (член 29 став 5) од Законот за слободен пристап до информации.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер воедно информира дека од Министерството за финансии наскоро ќе излезе предлог тарифникот за надомест на материјалните трошоци за добивање на информации.