Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Ралф Брет и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Пеце Ташевски, денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции.Со овој документ, двете страни всушност ја продолжуваат и продлабочуваат претходно воспоставената соработка, која овојпат ќе се одвива низ заедничка реализација на проектот “Имплементација на Охридскиот рамковен договор преку демократски принципи на владеење“.  
Заедничкото планирање, координирање и реализација на проектните активности, според очекувањата на двата партнера, треба да придонесе за зајакнување на капацитетите на Комисијата и поуспешно спроведување на нејзината мисија, од една, но  и за олеснување на постапката за слободен пристап до информации, кога се во прашање граѓаните, односно барателите, од друга страна.
За таа цел во 2014 година, зацртано е одржување на пет еднодневни сесии – обуки за по 25 учесници  од околу 50 централни владини институции, чии претставници  ќе бидат тренирани како побрзо да постапуваат и одговараат на барањата за пристап до информации, но и за начините за побрзо ширање на информациите.  Обуките ќе бидат заеднички спроведени од страна на персоналот на ОБСЕ и националните експерти за Слободен пристап до информации од јавен карактер, поддржани од преведувач на Албански јазик во средините со мешан етнички состав.
Проектот, исто така, предвидува посети на шест општини за промовирање на од ОБСЕ поддржаната брошура под наслов „До информација“. Овој универзален водич, од сферата на слободниот пристап до информациите од јавен крактер, има за цел да ја подигне свеста кај универзитетската младина, претставниците од Невладините здруженија на граѓани и фондации, како и на граѓаните за транспарентноста на општинските  органи.
Предвидено е Мисијата на ОБСЕ технички да поддржи и печатење и дистрибуција и на летоци за слободниот пристап до информации од јавен карактер.