Раководителот на одделение во Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Жорж Поповски, присуствуваше на претставувањето на Извештајот за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество во Македонија 2015, што го презентираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Документот содржи конкретни наоди и податоци за три анализирани области: основните законски загарантирани слободи, рамката за финансиска одржливост и односот на граѓанските организации со Владата.
Според истражувањето, Законот за здруженија и фондации е солиден и прогресивен, но не е целосно функционален бидејќи одредени подзаконски акти не се усвоени. Во практика слободата на изразување за граѓанските оранизации не е ограничена, но сепак тие се соочуваат со индиректни притисоци заради искажани ставови, а применуваат и самоцензура и внимателност. Заради малиот отстапен простор и несоодветното информирање за активностите на граѓанските организации од страна на традиционалните медиуми, во периодот кој е предмет на анализата, била зголемена употребата на интернет и социјални медиуми како слободен простор за изразување и пренесување пораки.
Анализата говори дека директното буџетско финансирање на граѓанските организации не е содветно на реалните потреби за одржливост, а брзите законски измени за плаќање придонеси од страна на хонорарно ангажираните лица, предизвикале финансиски импликации и стравувања кај организациите за нивната одржливост.
Во Извештајот се констатира дека постои јаз меѓу законодавството и практиката особено ако се има во предвид дека голем број закони беа донесени во скратена постапка без отворање консултации со засегнатите страни и покрај унапредувањето на ЕНЕР и одржаните обуки за државните службеници.
Во Извештајот се наведува дека од вкупно 52-те мерки наведени во Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2012-2017, досега 2 мерки се во целост реализирани, Напредок на овој план се очекува да се оствари ако се формира Советот за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанското општество.
Од аспект на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во Извештајот се вели дека неговото спроведување е незадоволително и се препорачува државните институции во пракса јавно да објавуваат информации поврзани со процедурите за финансирање, рокови и информации за граѓанските организации, добитници на средства. Во препораките се наведува дека е потребно институциите да ги објавуваат програмите на годишно ниво за финансирање на организациите и да ги вклучуваат навремено во нивната подготовка.
Настанот беше искористен да се направи и осврт на политиките на Европската Унија за развојот на граѓанското општество во Македонија, а беа споделени и регионални искуства од следењето на околината за развој на граѓанското општество.
Извештајот е дел од регионалниот проект „Acquis на балканското граѓанско општество: Јакнење на потенцијалот и капацитетите на граѓанските организации за застапување и лобирање“ финансиран од Европската Унија.