На 28 септември 2007 година Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Фондацијата Институт отворено општество–Македонија и Македонското здружение на млади правници со почеток во 11.00 часот, во Клубот на пратениците, на пригоден начин ќе го одбележат меѓународниот ден за слободен пристап до информации „Имам право да знам”.
По повод меѓународниот ден „Имам право да знам”, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Македонското здружение на млади правници, подготвија и ќе објават на 28 септември  посебна страна со пригодна содржина во дневните весници на македонски јазик „Вест”, „Време”, „Дневник” и „Утрински весник”, како и во весникот на албански јазик „Лајм”.
* * *
На 28-ми септември 2002 година претставници на невладини  организации од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, лобисти и бранители на идејата за слобода во информирањето, на состанок во  Софија Бугарија, формираа Мрежа на бранители на слободата  во информирањето. На средбата е договорено сите членки  на мрежата да соработуваат за промоција на правото на пристап до информации, како и за транспарентно работење на органите и институциите кои поседуваат информации од јавен карактер.
Основни цели на мрежата се промоција и усвојување  на законите за слободен  пристап до информациите од јавен карактер во земјите каде што  недостасува таква легислатива, како  и поддршка во спроведувањето на законите во земјите  кои веќе имаат таква легислатива во оваа област.
Бранителите  на слободата  во информирањето, на состанокот, исто така, предложија 28 септември да биде прогласен за меѓународен ден „ИМАМ ПРАВО ДА ЗНАМ”, кој ќе го симболизира глобалното движење за промоција на правото на пристап до информациите.