На 28 септември 2002 година претставници на невладини организации од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, лобисти и бранители на идејата за слобода во информирањето, на состанок во Софија, Бугарија, формираа Мрежа на бранители на слободата во информирањето. На оваа средба присутните се договорија да соработуваат во промоција на правото на пристап до информации и транспарентно управување.
Основни цели на Мрежата се да се промовира усвојувањето на законите за слободен пристап до информациите во земјите каде недостасува таква легислатива и да го поддржува спроведувањето на законите во земјите кои веќе имаат таква легислатива во оваа област.
Бранителите на слободата во информирањето, на состанокот, исто така, предложија 28 септември да биде прогласен за Меѓународен ден за слободен пристап до информации “Имам право да знам” , кој ќе го симболизира глобалното движење за правото на информирање. Целта e на овој ден да се истакне правото на информирање, подеднакво значајно и за земјите во транзиција и за земјите со развиена демократија.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во соработка со З.Г. ПРО МЕДИА ќе организира промоција на новите дополнети изданија од Програмата за слободен пристап до информации: “Водич за службеници” и “Водич за баратели”.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер со промоцијата на Водичите ќе даде свој придонес во одбележувањето на Меѓународниот ден за слободен пристап до информации “Имам право да знам”.