Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Јанко Николовски, е поканет да присуствува на 6-та Меѓународна конференција на комесари за информации што од 27 до 30 септември 2009 година ќе се одржи во Осло, Норвешка. Во работата на Конференцијата се очекува да партиципираат претставници од повеќе земји во светот. На овој еминентен собир учесниците ќе расправаат и ќе разменат искуства по следниве четири теми:

1. Предизвици и можности на новите информациски технологии;
2. Пристап до информации за животната средина;
3. Ставовите на јавните власти кон пристапот до информациите;
4. Финансиската криза и улогата на слободата на информирањето

Конференцијата е значајна за понатамошното зајакнување на соработката при спроведувањето на законите за пристап до информациите, но е и добра можност Комесарите за информации од светот да разменат искуства околу новите предизвици за најзначајните прашања од споменатата сфера.