Со одржувањето на денешната обука на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ , Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер во целост го реализираше зацртаниот Квартален план за едукација на службените лица за посредување со информации од јавен карактер во институциите – иматели од скопскиот регион. Обуката организирана за 21 службено лице од повеќе скопски основни училишта ја реализираа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата Цвета Трајковска и Јорданка Стојкова.
Акцентот беше ставен на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и на начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. На обуката беа разгледани повеќе конкретни барања доставени до различни иматели, при што службените лица преку проактивно учество, изнесуваа свои гледишта и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.