london_sred_webОд 19 до 23 март годинава, во организација на PAI–Public Administrational International, во Лондон, Велика Британија се одржа студиска програма: “Слобода на информациите: Како да се постигне отвореност и транспарентност на Владата“. На оваа повеќедневна работилница покрај од земјата домаќин, учествуваа и претставници на владини и невладини организации кои се занимаваат со оваа проблематика од Македонија, Нигерија, Република Српска, Замбија, Киригистан, Бахами, Малезија, Боцвана, Јамајка, Тринидад и Тобаго, Мексико и  Гана.
Еминентни предавачи од Канада и Велика Британија пред учесниците се претставија со повеќе Powerpoint презентации, меѓу кои посебно вниманието го привлекоа темите: “Краток преглед и цел“, “Слобода на информациите и одговорност“, “Велика Британија, слобода на информациите – Акт 2000“ и “Слобода на информациите во лондонската општина Камден: перспективите на локалната власт“.
Во реализацијата на студиската програма активно партиципираше и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Јанко Николовски, кој се осврна на  првите искуства од примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер во Македонија и работата на Комисијата за СПИЈК. На лондонската тренинг програма  учествуваа и две претставнички на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, со чија комплетна финансиска поддршка беше овозможен престојот и присуството во Лондон на  претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Искуствата од овој квалитетен и еминентен собир Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Фондацијата Институт отворено општество – Македонија на соодветен начин ќе ги претстават пред заинтересираната домашна јавност (иматели на информации, баратели и невладини организации).