Претставник на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер учествуваше на работилницата насловена „Национална стратегија за борба против корупцијата и нејзиниот акционен план: подготовка, изготвување нацрт и следење на имплементацијата“, која се одржа во Охрид од 28 до 30 ноември годинава. На работилницата присуствуваа претставници на институциите и агенциите кои се вклучени во изготвувањето и во спроведувањето на мерките за спречување на корупцијата, како и членови на меѓународната заедница.
Работилницата, организирана во соработка на Владата на Република Македонија  и Амбасадата на Велика Британија ја раководеше Моника Маковеј, советник на премиерот за спречување на корупција.  За домашните и светските искуства во оваа област зборуваа Мирјана Димовска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата и Патрик Кофлин, директор на USAID програмата за човечки и институционален развој World Learning.
За реакциите кон феноменот наречен корупција, националната стратегија и мониторингот на имплементацијата на владиниот план, во што голем удел и придонес дава Комисијата, зборуваше д-р Маурицио Варанезе, виш инспектор на италијанската Комисија Антирекет и воедно експерт на Европската комисија за спречување на корупцијата.
Од друга страна, за мониторингот на европските обврски за спречување на корупцијата, покрај домаќините од Министерството за правда и од Државната комисија за спречување на корупцијата, поширок осврт имаше Руперт Вајнинг, советник за антикорупција на Владата на Република Хрватска.