Заменик претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Блерим Исени и Оливер Серафимовски, помлад соработник во нејзиниот Секретаријат, учествуваа на Првата регионална конференција ,,Отворена влада, вклучени граѓани”, која се одржа од 9 до 11 септември 2015 година во Тирана, Република Албанија. Конфернцијата беше во организација на Институтот за демократија и медијација и Министерството за иновации и јавна администрација на Република Албанија.
Конференцијата овозможи одлична можност за земјите од регионот да се запознаат со можностите кои ги дава иницијативата за Отворено владино партнерство, за отвореност на Владите и соработката со невладиниот сектор, како и за вклучување на граѓаните во целиот процес. Учесниците дебатираа на отворени панел сесии, на кои ги презентираа своите согледувања и искуства од досегашното имплементирање на инцијативата за отворено владино партнерство, за предизвиците и пречките за отвореност на владите, како и за надминување на пречките од имплементацијата на ОВП. Панел сесиите имаа за цел да се унапреди одговорното и транспарентно управување во креирањето политики преку зголемена експертиза од страна на граѓанското општество и да се зајакне дијалогот меѓу невладиниот сектор, граѓаните и владите во рамките на ОВП. Беа разменети искуства од спроведувањето на иницијативата во земјите учеснички на конференцијата, за тоа како отвореноста може да ги подобри јавните услуги, да го поттикне економскиот раст, да ја намали сиромаштијата и корупцијата, како за и враќањето на довербата на јавноста во владите. На конференцијата, како клучен приоритет и активност беше потенцирана потребата од меѓусебна регионална соработка за подобрување на приоритетите кои произлегуваат од иницијативата за отворено владино партнерство.