Во Информативниот центар на Европската Унија во Скопје, денеска се одржа панел дискусија за потребата од поголема примена на пристапот до информациите од јавен карактер во функција на поквалитетно информирање од страна на медиумите. На овој начин всушност почна реализацијата на проектот „Пристапот до информации-извор за поквалитетно информирање“, финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), кој го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации во соработка со Access Info Europe и Балканска истражувачка мрежа БИРН.
За имплементацијата на Законот и за тековните слабости во пристапот до јавните информации дискутираа новинари, претставници на невладини организации и на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Притоа, беше констатирана ретка примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на новинарите, како последица на предолгите рокови за добивање одговор, ограничената транспарентност на одредени институции, но и поради малата запознаеност на претставниците на медиумите со Законот. Модераторот Сабина Факиќ во овој контекст ги изнесе првичните резултати од спроведеното истражување, а според кои од 60 водечки новинари во земјата, дури 58 проценти никогаш не поставиле барање.
Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Аиво Орав, ја поздрави имплементацијата на Законот донесен во 2006, но оцени дека е потребно натамошно зајакнување на овој инструмент од страна на Владата,, како што е наведено и во Извештајот за напредокот за 2011 година. Неопходна е измена и надградба на постојната легислатива за пристап до информации, како и финансиска и политичка поддршка на Комисијата, со цел да може да одговори на поднесените жалби за молчење на администрацијата, оцени Орав. Според него, подобро информирани граѓани и новинари, имаат можност да дадат подобар и поголем придонес во имплементацијата на реформите.
Промовирајќи ја потребата за измени на Законот, пред се од аспект на предолгите рокови, новинарите и претставниците на невладиниот сектор беа единствени дека затвореноста на одредени институции би можела да се надмине со упорно и постојано барање на информации од нив.
Членот на Комисијата и нејзин портпарол Бобан Пановски, предочи дека пропишаните рокови за давање на информациите од страна на имателите се усогласени со европските стандарди. Тоа, рече Пановски, е видливо и од законите на Велика Британија, САД, Франција, Италија, Германија. Потсетувајќи дека рокот за усно побарана информација е само 5 дена, тој предочи дека од големиот број пристигнати предмети до Комисијата во изминатите години, само две биле жалби од новинари. Во врска со квалитетот на информациите што новинарите ги добиваат од службените лица, Пановски истакна дека обуките се во тек и оти се работи на поголема едукација на лицата задолжени за посредување со информациите од јавен карактер.