Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер-(www.komspi.mk), УКАЖУВА дека согласно обврската која произлегува од членовите 8 и 9 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателите на информации од јавен карактер се должни да определат едно или повеќе службени лица кои ќе посредуваат со информациите од јавен карактер, како и да објават листа со информации кои ги поседуваат и со кои располагаат.

Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се применува веќе четири години, па Комисијата  предочува дека доследно ќе се придржува до казнените одредби и истите ќе ги применува, кон сите иматели на информации од јавен карактер кои не ја исполниле елементарната законска обврска.
За да се избегнат несаканите последици, потребно е институциите ВЕДНАШ,  по пошта на адресата на Комисијата (бул.„Гоце Делчев„ б.б) да ги достават, името и презимето на назначеното службено лице, телефонскиот број на кој може да се контактира со него и e-mail адресата. Напоменуваме дека согласно член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, службеното лице се назначува со Акт (Решение) на одговорното лице, кое треба да биде доставено во прилог.
Одговорните лица на институциите чии службени лица за посредување со информациите од јавен карактер се сменети или од најразлични причини веќе не ја извршуваат оваа законска обврска, исто така се должни со Акт (Решение) да назначат друго службено лице и податоците да ги достават до Комисијата.

Во дописот до Комисијата треба да бидат наведени и точниот назив на институцијата, адресата и контакт телефоните, како и начинот на кој листата на информации ќе биде достапна за граѓаните (огласна табла, веб страна или на друг начин).
 За сите нејаснотии и други дилеми, кога станува збор за примена на Законот, можете да се консултирате со службените лица при Комисијата: Јорданка Стојкова, Цвета Трајковска и Цветан Станоески на тел. 02/3115-659, 3118-038 и 3114-695, како и на e-mail адресата: sinf@sinf.gov.mk .