Воведно обраќање до учесниците имаше претседателот на Комисијата, Пеце Ташевски, кој накусо се осврна на досегашните активности и остварувања на планот на имплементацијата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тој притоа предочи дека поради природата на дејноста и информациите со кои располагаат – единиците на локалната самоуправа се мошне значајни, но и атрактивни иматели на информации од јавен карактер и за граѓаните, но и за претставниците на невладините здруженија и организации. За илустрација го посочи фактот дека во минатогодишниот период, една четвртина од вкупниот број барања по основ на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Република Македонија биле упатени до општините.
Од името на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, претставнците од единиците на локалната самоуправа ги поздрави Маркус Ролофс, шеф на Одделот за човекова димензија.
Претставникот од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески, имаше презентација на надлежностите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, а потоа ги елаборираше и најдобрите практики и предизвици во спроведување на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.