ФИНКИ 07.05.2015
Членот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Валентина Фидановска и стручното лице од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески, согласно претходно потпишаниот Меморандум за соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, денеска во просториите на оваа високообразовна институција го презентираа уставно загарантираното право, нормирано во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Ова основно човеково право пред студенти и професори на ФИНКИ беше објаснето преку соодветна power point презентација. Присутните беа запознати со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, односно со можностите кои произлегуваат од него за барателите на информации од јавен карактер, како и со обврските и должностите кои произлегуваат од него за имателите на информации.
На учесниците на работилницата им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, кои се резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и примероци од брошурата насловена „Ти имаш право да знаеш“, производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.