Членот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Валентина Фидановска и стручните лица во Секретаријатот на Комисијата, Јорданка Стојкова и Катерина Димовска Трајковска, денеска престојуваа во работна посета на Факултетот за Детективи и криминалистика на Европскиот универзитет во Скопје. Во присуство на професорот Стојан Славески и на студенти од втора студиска година, беше одржано предавање на тема “Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“. Присутните беа запознаени со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, можностите кои произлегуваат од него, како и со начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
За потемелно запознавање со наведеното човеково право, утврдено во Уставот на Република Македонија и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на студентите им беа поделени постери, флаери и брошури „До информација“, односно „Ти имаш право да знаеш“. Првата публикација е резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, додека втората е производ на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.