На 20 и 21 септември во работна посета на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер престојуваше помошникот министер за култура, спорт и медиуми во Владата на Црна Гора, Жељко Рутовиќ, надлежен за медиуми и слободен пристап до информации од јавен карактер.
Непосреден повод за посетата беше излегувањето од печат на заедничкото издание „Слободен пристап до информациите: Црна Гора и Македонија-Споредбени искуства„, публикувано деновиве во Подгорица како резултат на плодната соработка меѓу двете земји на полето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер.
Во предговорот на публикацијата претседателот на Комисијата за ЗПСПИЈК, Јанко Николовски, потенцира дека на заедничкиот регионален преглед му претходеле чести дебати и средби меѓу членовите на КЗПСПИЈК и на претставниците на Министерството за култура, медиуми и спорт како надлежен орган за медиуми и пристап до информациите. Оттаму, според Николовски, публикацијата е круна на темелно претресените законодавни, а уште повеќе и на практичните прашања во примената на ЗСПИЈК во двете земји. „Затоа со мирна душа може да се рече дека го одбравме вистинското време, своите богати тригодишни искуства (во Македонија) да ги пренесеме на хартија и на тој начин да го трасираме патот кон еден водич, кој се надевам, од денеска па во иднина периодично, но и редовно ќе се надополнува со нови сознанија, примери и достигнувања, на ова-едно од основните човекови права„, ќе запише Николовски.
Тој уште смета дека би било убаво ако оваа заедничка македонско црногорска публикација побуди и поширок интерес во регионот, што би резултирало со уште побогати и со искуства поучни заеднички изданија.
Господинот Рутовиќ, ќе забележи дека „со оглед на тоа што основната смисла на Законот е во целосна спротивност со конзервативниот и патријахален менталитет кој со децении бил доминантен на Балканот, час поскоро во континуитет треба да се „анимираат„ корисниците на ова право се со цел да се трансформира културата на тајност во култура на јавност. Ова дотолку повеќе што споредбените искуства говорат дека граѓаните во недоволна мера го познаваат и користат правото кое им го дава овој Закон„.
Практикумот претставува отворена книга за нова доработка, нови искуства и нови партнери, ќе забележи Рутовиќ, според кого, ширењето на мрежата на промотери и едукатори е дополнителна гаранција дека слободата секогаш и со секој пример одново се освојува и потврдува.