Раководителот на одделение во Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Жорж Поповски и помладиот соработник Оливер Серафимовски, учествуваа на тркалезната маса „Граѓанскиот сектор и медиумите за доброто владеење“, што денеска се одржа во организација на Фондацијата Метаморфозис. Притоа стана збор за улогата, активностите на граѓанскиот сектор и известувањето на медиумите, како суштински предуслови за доброто владеење на институциите кое се огледа низ нивната транспарентност, отчетност и одговорност, како и преку борбата против корупцијата. Од дискусијата произлезе констатацијата дека граѓанските организации треба да преземаат уште поконкретни чекори во поттикнувањето и охрабрувањето на граѓаните да бараат отчетност од државните институции. Најзначајно е граѓаните да се убедат и да чувствуваат дека можат нешто да променат со своето учество и вклученоста во креирањето на јавните политики, беше речено на тркалезната маса. Ова дотолку повеќе што според изнесените анализи, дури 75 отсто од граѓаните сметаат дека немаат никакво влијание врз одлуките кои се носат на локално ниво. Во оваа смисла беше речено дека зајакнатите активности на граѓанскиот сектор во споменатиот сегмент, треба да добијат соодветен публицитет и правилен третман во медиумите, независно од сопственичката структура и уредувачката политика.
Со денешната тркалезна маса всушност стартуваше проектот „ACTION SEE – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“, чија цел е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и на медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.
Проектот ќе се имплементира од Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со Westminster Foundation for Democracy од Велика Британија, CRTA – Center for Research, Transparency and Accountability од Србија, Citizens Association Why not? од Босна и Херцеговина, Center for Democratic Transition од Црна Гора, Open Data Kosovo (ODK) од Косово и Levizja Mjaft! од Албанија, а со финансиска поддршка на Европската Унија.