Една година од примената на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер е релативно кус период за да се очекуваат некои поспектакуларни резултати и постигнувања. Но, во секој случај, може и треба да радува сознанието што со секој изминат ден од примената на ЗСПИЈК се поголем е бројот на граѓаните што дошле до посакуваните информации од јавен карактер, или пак на лицата кои го осознале постоењето на ова ново демократско право во државата.
Вака накусо се произнесоа членовите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и службените лица од државните органи, локалната самоуправа и јавните претпријатија на градот Скопје, на двете денешни работни средби организирани во пресрет на 1 септември – денот кога пред една година почна да се применува Законот за СПИЈК.
Во широка неформална размена на искуства и мислења беше направен обид да се лоцираат најкарактеристичните и најсуштински проблеми со кои се соочуваат најповиканите чинители задолжени за директна имплементација на ЗСПИЈК. Членот на Комисијата и модератор на двете работилници Олга Пешева, меѓу другото подвлече дека службените лица имаат клучна улога во спроведувањето на Законот и на некој начин се „портата“ за пристап на граѓаните до посакуваните информации од јавен карактер.
Отвореноста, транспарентноста и отчетноста се есенцијалните карактеристики на ЗСПИЈК, рече таа, па токму затоа и работата на Комисијата и работата на службените лица задолжени за посредување со информации од јавен карактер се под постојана лупа од страна на пошироката јавност, претставниците на меѓународната заедница и на невладините организации.
Сам по себе, Законот има голем број недоречености и недостатоци, но е применлив и со самото тоа не ги амнестира од обврската да го применуваат особено субјектите кои што треба да предничат во неговата имплементација, оцени Пешева.
На листата со аномалии во работењето на службените лица од досегашната примена на ЗСПИЈК предничи појавата одделни иматели на информации на поднесените барања да не одговорат во законски пропишаниот рок што резултира со таканаречениот молк на администрацијата, или посоодветно кажано “немо одбивање“. Посебно аспострофирана беше и лошата пракса на некои службени лица кои наместо да изготват записник при позитивно одговорено барање или решение при целосно, односно делумно одбиено барање , се случува да реагираат со информација или одговор што не е во согласност со Законот. Има и иматели на информации кои ги одбиваат барањата за пристап до одредени информации под изговор дека истите се класифицирани, без притоа да се наведе законската основа или подзаконскиот акт врз кој подлежи таа класификација.
Евидентна е злоупотребата на таканареченото дискреционо право од страна на пооделни службени или одговорни лица на сметка на барателите на информации, како и појавата односно желбата на некои службени лица да ги „шетаат“ граѓаните, со образложение дека бараните информации не се од делокругот на нивната работа.
На лицата задолжени за посредување со информации воедно им беше предочено да не забораваат и на обврската на крајот на секоја календарска година да подготват детален годишен извештај.
Од своја страна, службените лица беа едногласни во укажувањето дека посредувањето со информациите од јавен карактер е само една во низата обврски што им се доверени во институциите кои ги претставувааат. Тие се заложија за донесување на интерни подзаконски акти, за назначување на повеќе лица кои би биле задолжени за посредување со информации, особено во гломазните институции и органи со повеќе сектори кои располагаат со непрегледни бази на податоци поради што неретко и доаѓа до пробивање на законските рокови за давање на одредени информации.
Службените лица посочија и низа примери кога баратели со едно поднесено барање побаруваат и по повеќе информации од еден имател, а беа споменати и случаи кога барателите го злоупотребуваат ЗСПИЈК сакајќи да дојдат до документ односно информација кои произлегуваат од посебна законска надлежност и работа на имателот.
Во функција на поуспешна имплементација на ЗСПИЈК беа најавени нови обуки како за службените лица така и за граѓаните, а се укажа и на потребата од иницирање на измени на Законот за СПИЈК. Во тој контекст беше спомената можноста за професионално вршење на функцијата службено лице.