Во хотелот „Александар Палас„ во Скопје, во организација на ОБСЕ, денеска се одржа „Форум за децентрализацијата и доброто владеење во локалната самоуправа“. Во рамките на Форумот беше промовиран и „Извештај за оценување на децентрализацијата 2006-2011“.
Поздравувајќи го собирот на кој присуствуваа високи претставници на ОБСЕ, бројни градоначалници и други претставници од единиците на локалната самоуправа, претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски, го изрази своето задоволство што во Извештајот е посветен простор и на слободниот пристап до информациите, за кој е оценето дека е мошне важен во комуникацијата меѓу граѓаните и општинската администрација.Во овој контекст, Ташевски ги повика првите луѓе на општините кои ја немаат исполнето законската обврска во најкус можен рок да назначат службени лица кои што ќе посредуваат со информациите од јавен карактер. Тој воедно потсети и на законската обврска за доставување на Годишен извештај за претходната календарска година и ги повика одговорните лица да го сторат тоа во наредните неколку денови.