Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители во Скопје, се одржа Семинар на тема:„Примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, на кој присуствуваа претседатели на судови, судски соработници кои работат на соодветната материја, како и претставници од Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Говорејќи на темата “Презентација на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, судијата од Вишиот Управен суд, Загорка Тноковска, потсети дека Законот е донесен со несебична поддршка и со залагање на невладиниот сектор во Македонија и тоа е прв закон во кој е остварена завидна соработка при прибирањето на компаративните искуства и анализите од другите земји. Законот според неа на некој начин е револуционерен во однос на оваа материја, бидејќи до неговото стапување во сила есента 2006 година, кај имателите постоеше своевиден отпор за давање на информации поврзани со нивното работење. Во оваа смисла, како посебно значаен го апострофира членот 2 од Законот, бидејќи со него се обезбедува јавност и отвореност во работењето на органите. Тноковска ги коментираше измените на Законот од 2008 односно 2010 година и во тој контекст посебно го издвои назначувањето на службените лица. Дотогаш во јавноста службеното лице се поистоветуваше со портпарол во институцијата или органот, а согласно измените – истото мора да биде назначено со Акт односно Решение. Како еден од основните постулати за правилна имплементација на Законот, Тноковска го посочи Тестот на штетност, кој треба да се применува како задолжителна постапка пред некое барање да биде одбиено од страна на имателот.
Во функција на подобро запознавање на граѓаните со Законот, Тноковска потенцира дека веб страните и на Комисијата, но и на имателите на информации треба да бидат богати со соопштенија, организациони документи, подзаконски акти, билтени, годишни извештаи, стратегии и други документи од јавен интерес.
Цветан Станоески, советник во Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, се осврна на “Практичната примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Тој истакна дека граѓаните треба да се навикнуваат да поставуваат барања, додека имателите, а во тој контекст и судската власт да ги дава бараните информации. Станоески апелираше одговорите на усно поставените барања да се даваат веднаш за судовите да си ја олеснат обврската секогаш кога е тоа можно. Повикувајќи се на праксата и на досегашните искуства, Станоески нагласи дека најголемиот број иматели на информации од јавен карактер одговорот на поставените барања за жал го даваат на 30-от, односно на последниот ден од законскиот рок. Потсетувајќи дека пристапот е правило, а одбивањето е исклучок, Станоески ги повика судиите секогаш кога имаат дилема околу примената на Законот за слободен пристап да се обратат и консултираат со Комисијата. Според него, и покрај кусиот грејс период од донесувањето до стапувањето на сила на Законот, Комисијата успешно ги имплементира неговите одредби.
Претставникот од Дирекцијата за заштита на личните податоци, д-р Добринка Борисовска Господинова говорејќи за “Правото на заштита на личните податоци во судството“ истакна дека правото на заштита на личните податоци е исто така уставно право како што е и правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Ниту едното право го ограничува другото, ниту пак другото право може да се стави во надредена позиција, посочи таа. Укажувајќи дека се работи за мошне чуствителни податоци кои во изобилие се присутни во документите на судската власт, Борисовска Господинова апелираше на мошне внимателно работење со личните податоци од страна на судиите посебно во малите средини каде дополнително треба да се внимава со давањето информации, бидејќи и најмало невнимание може да открие за кого станува збор.