Во периодот од 7 октомври до 11 ноември, согласно предвидената програма, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер реализираше седум од вкупно петнаесет планирани регионални обуки низ Републиката. Дводневни тренинг едукации беа одржани за службените лица одговорни за посредување со информации од јавен карактер во регионалните центри: Охрид, Струмица, Кичево, Гевгелија, Кавадарци, Битола и Прилеп. На обуките учествуваа и лица задолжени за имплементација на ЗСПИЈК во институциите од помалите општини кои гравитираат кон споменатите региони. Обучувачите своите искуства ги пренесоа на околу 175 лица задолжени за посредување со информации од јавен карактер.
Следната регионална обука е предвидена за 13 и 14 ноември во Кочани, каде ќе се соберат и службените лица одговорни за имплементација на ЗСПИЈК  од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево. На 17 и 18 ноември обучувачите во Штип ќе ги запознаат тамошните службени лица со Законот за СПИЈК и уставно гарантираното право на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во периодот што претстои предвидена е реализација на идентични обуки и во: Гостивар, Тетово, Велес и Куманово, а се разгледува можноста за едукација на службените лица и од другите општини во Македонија.
Обуките се дел од активностите опфатени со проектот „Техничка помош и подигнување на свеста за поддршка на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ во Република Македонија, кој се реализира со финансиска поддршка на Амбасадата на Велика Британија, а за кој согласност даде и Владата на Република Македонија. Со проектот е предвидено одржување на вкупно 50-тина обуки за едуцирање на  околу илјада службени лица задолжени за спроведување на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Носители и имплементатори на проектот се Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Македонскиот институт за медиуми.
Реализацијата на обуките се очекува да придонесе за потранспарентно и поодговорно владеење во Македонија, како и за професионална комуникација со медиумите и јавноста во процесот на евроинтеграција на Република Македонија.