Во организација на TAIEX – Инструментот на Европската Комисија за техничка поддршка и размена на информаци, а во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 5 и 6- ти февруари во Скопје се одржа дводневна работилница на тема ”Размена на искуства за спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Целта на работилницата беше размена на најдобрите искуства и на добрите практики на Комисијата со земјите членки на ЕУ во спроведувањето на законите за слободен пристап до информации од јавен карактер, во функција на поттикнување на транспарентноста во оваа област.
Свои искуства во спроведувањето и имплементацијата на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, пренесоа експерти од Хрватска, Словенија и Полска, а македонското искуство го презентираа претставници од Секретаријатот на Комисијата.
Од расправата произлезе фактот дека законите за пристап до информации во сите споменати држави се од релативно поново време, современи, со релативно мал број на исклучоци и со измени и дополнувања во функција на подобро имплементирање на легислативата и проблематиката од сферата на слободното информирање. Сепак, и покрај ваквите тенденции, сите презентери и дискутанти оценија дека е неопходно натамошно осовременување на законите пред се во однос на роковите предвидени за постапување по барањата, потоа за зајакнување на едукативниот дел, промоцијата на законодавството и можностите што ги нуди истото, и менувањето на свеста на одговорните лица задолжени за посредувањето со информациите од јавен карактер.
Експертите во своите излагања потенцираа дека е потребно со уште позасилено темпо да се делува и на натамошното промовирање на културата на отвореност на јавните институции, но уште повеќе и во правец на понатамошно едуцирање на граѓаните за нивното уставно загарантирано право на пристап до информации од јавен карактер. Притоа да се користат разни форми за нивна едукација, како што се работилници, медиумски и интернет кампањи, отворени денови на локалните власти и соработка со невладините организации кои го промовираат ова право.