SS    Во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во хотелот „Арка“ во Скопје, денеска се одржа меѓународна работилница на тема “Подигнување на институционалната свест за правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај членовите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и вработените во нејзиниот Секретаријат, на работилницата учествуваа и претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за правда, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Државниот завод за ревизија.
Присутните ги поздрави г-дин Пеце Ташевски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кој информираше за значењето на Законот за слободен пристап до информациите, надлежностите, како и за идните планови на Комисијата. Според Ташевски, се работи за релативно ново право загарантирано со Уставот на Република Македонија, но и со други законски акти меѓу кои и Законот за државни службеници, Законот за локална самоуправа, а според кое, граѓаните имаат право да се интересираат да прашуваат и да бидат информирани за трошењето на буџетскиот денар. Ташевски истакна дека Комисијата се грижи за постапување по Законот првенствено расправајќи по жалбите на незадоволните баратели, подготвува Листа на иматели на информации, врши едукација и обуки на службените лица, како и на граѓаните во својство на баратели и поднесува Годишен извештај до Собранието на Република Македонија. Годинава Комисијата на 11 одржани седници постапи по 261 жалба, а со помош на инструментот TAIEX на Европската Унија одржа и две обуки со учество на експерти од Словенија, Германија и Малта, додаде Ташевски,  кој најави дека Комисијата има намера да изготви и Стратегија за развој.
Заменикот комисионер во Комисијата за информации на Република Словенија г-ѓа Кристина Котник Шумах, говореше на тема „Слобода на информации-подигнување на јавната и институционалната свест“, а го презентира и словенечкото искуство за “Подигнување на свеста за правото на слободен пристап до информации“. Подвлекувајќи дека не е доволно само да постои Закон за слободен пристап, туку е потребно истиот и да се применува во праксата, Котник Шумах, укажа на потребата за промена на расположението во јавниот и приватниот сектор, со цел да се подигне свеста и да се влијае на транспарентноста. Граѓаните треба да бидат информирани односно треба да знаат дека јавниот сектор постои и треба да биде отворен за нив и за нивниот интерес што несомнено бара многу ангажман, едукација и обука со што би се сменил менталитетот на јавните службеници. Во тој контекст, таа предложи формирање на централизиран орган кој ќе се грижи за промоција на слободниот пристап. Во Словенија само десет проценти од барањата за пристап до информации се поднесени  од страна на невладиниот сектор, што според словенечкиот експерт говори за подигнатата свест на граѓаните за овој Закон. Котник Шумах информираше и за праксата во Словенија  на најдобрите службени лица во текот на една календарска година да им се доделува награда како стимулација за придонесот во имплементацијата за Законот за слободен пристап до информации.
Свое излагање пред присутните имаше и Генералниот директор (Комисионер за приватност и информации) на Инспекторатот за заштита на личните податоци на Естонија, г-дин Виљар Пеп, кој се осврна на темата „Информации од јавен сектор- кон проактивно објавување и координирање“, а го презентира и естонското искуство за “Подигнување на свеста за правото на слободен пристап до информации“. Тој констатира дека објавувањето на информациите од јавен карактер во Естонија како резултат на високото ниво на имплементацијата на информатичката технологија дава одредени резултати со кои се олеснува пристапот до саканата информација. Имено, во Естонија имателите не се содржани во посебна Листа, туку постои Централен веб директориум, кој всушност
е огромна база на податоци и каде можат да се најдат детали и информации за секој имател. Во оваа смисла Пеп информира дека најголемиот број од имателите на информации во неговата земја имаат и сопствени пребогати веб портали на кои ги објавуваат сите информации со кои располагаат, а на граѓаните им се достапни со само еден клик. Драстична разлика во однос на македонскиот Закон за слободен пристап се 33–те исклучока по кои може да биде одбиено барање во Естонија. Пеп потенцираше дека соработката помеѓу Комисијата и имателите на информации треба да биде на високо и континуирано ниво, за да барателите во што е можно побрз рок ги добиваат саканите информации. Естонскиот експерт ја препорача праксата од неговата земја, а според која, тој во својство на прв човек на Комесаријатот за пристап до информации, одржува континуирани и чести состаноци со високи претставници на министерствата и другите државни органи што придонесува за побрз пристап до информациите од страна на граѓаните.