Во салата на Советот на Град Скопје, во организација на мисијата на ОБСЕ и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, денеска се одржа работилница за правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. На Работилницата на тема: „Граѓанско запознавање со донесувањето одлуки на локално ниво и остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер„ учестуваа ученици од скопските средни училишта во надлежност на Градот, студенти од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, и претставници од градската администрација.
Во присуство на раководителот на Секторот за сигурност и поддршка на заедниците во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Вјечислав Воробиев и заменик-претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Блерим Исени, работилницата ја отвори градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
„Одржувањето на денешната работилница во Град Скопје претставува на некој начин и своевидна потврда на генералните политики на Градот за целосна транспарентност во своето работење. Имено, транспарентноста и јавната партиципација на граѓаните се основните постулати врз кои почива водењето на сите тековни градски политики. Во реализацијата на стратегијата за јавно и транспарентно работење, Град Скопје подразбира активно користење на голем број комуникациски алатки, а целосно ги имплементира и одредбите од Законот за пристап до информациите од јавен карактер“, рече меѓу другото, скопскиот градоначалник.
Во името на Комисијата, присутните ги поздрави заменик-претседателот Блерим Исени, кој притоа предочи дека со денешната едукативна средба всушност се заокружува овогодишниот заеднички проект на мисијата на ОБСЕ и Комисијата, во рамките на кој, во коорганизација со општините – универзитетски центри во Република Македонија, во ноември и декември идентични работилници беа реализирани и во Штип Охрид, Битола, Тетово и Куманово.
Целта на работилницата што ја реализираа стручните лица во Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески и Макфирете Морина, беше учесниците да се информираат за одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските на јавните институции да одговорат на барањата на граѓаните за слободен пристап до информациите.
Студентите и средошколциите, исто така, имаа можност да се запознаат и со работењето на градската администрација, а им беше укажано и на нивната улога во носењето одлуки на локално ниво, како дел од кампањата за подигнување на свеста на граѓаните за отвореност и транспарентност на локалните власти. Учесниците на работилницата претходно беа примени во Кабинетот на Градоначалникот и во неколку сектори на Градската администрација.