Во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 28 и 29 мај 2013 година, во хотелот „Best Western Hotel Turist“, со почеток во 9:30 часот, ќе се одржи „Работилница за постапување по барања за пристап до информации“. Покрај членовите на Комисијата и вработените во нејзиниот Секретаријат, на работилницата се поканети и експерти од Република Словенија, како и претставници од невладините организации. Првиот ден ќе бидат разгледани и обработени поттемите „Молк на администрацијата и надлежностите на Комисијата од аспект на прекршочните постапки“, како и „Класифицираните податоци и тестот на јавниот интерес“.
За вториот ден, предвидено е разгледување на барања упатени од страна на новинарите, како и елаборација и анализа на поттемата „Проактивна транспарентност, објавени документи и иницијативата за open data“.
Дводневната работилница ќе се одвива со проактивен пристап на учесниците, при што од нивна страна ќе бидат изнесени компаративни гледања и искуства за сите отворени прашања.