Денеска во хотелот „Арка“ во Скопје, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја реализираа првата од петте планирани работилници на тема „Добро владеење и остварување на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Покрај членовите на Комисијата и претставници на Мисијата на ОБСЕ, на оваа едукативна средба присуствуваа 25 одговорни лица- директори на Агенции, и службени лица и раководители на сектори за правни и општи работи од Владата, Собранието и од повеќе министерства.
Обуката ја спроведоа стручните лица од Секретаријатот на Комисијата, Цветан Станоески и Макфирете Морина, а целта на планираниот циклус обуки е подигнување на свеста и степенот на запознаеност на одговорните и на службените лица со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со измените на истиот од 2010 година, како и со можностите кои произлегуваат од него за имателите, и за барателите на информации од јавен карактер.
Во функција на подетално запознавање со наведеното човеково право, на присутните им беа поделени примероци од брошурите „До информација“, која е резултат на повеќегодишната соработка меѓу Комисијата и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и „Ти имаш право да знаеш“, продукт на Европското здружение на студентите по право во Република Македонија – ЕЛСА во рамките на USAID проектот за јакнење на судството, стручно помогнат од страна на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.