.Во организација на Европската Комисија преку инструментот TAIEX во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на 28 септември 2012 година (петок), во хотелот „Арка“ во Скопје, со почеток во 9.30 часот, ќе се одржи еднодневна меѓународна Работилница за критериумите на тестот на штетност со цел утврдување на исклучоците на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Со овој настан Комисијата работно ќе го одбележи меѓународниот ден за слободен пристап до информации „ИМАМ ПРАВО ДА ЗНАМ”.
Работилницата ќе ја отвори и присутните учесници ќе ги поздрави г-дин Пеце Ташевски, претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Господинот Карл Випер, виш службеник за политика во Кабинетот на Комесарот за информации на Обединетото Кралство, пред присутните ќе говори на тема „Тестот на штетност и тестот на јавниот интерес согласно Актот за слобода на информациите и Регулативите за животната средина“. Своето излагање тој ќе го поткрепи и со примери од праксата и студија на случај.
Решенијата од аспект на Тестот на штетност и тестот на јавниот интерес содржани во Словенечкиот Закон за пристап до јавните информации, ќе ги елаборира г-а Тина Крајгер, од Канцеларијата на Комесарот за информации на Република Словенија.
Истражувачот од Кабинетот на Комесарот за информации на Република Ирска, г-дин Дерек Чарлс, ќе се осврне на Ирскиот Закон за слобода на информациите и тестот на штетност.
Покрај членовите на Комисијата и вработените во Секретаријатот, на работилницата се поканети претставници и службени лица за посредување со информации од јавен карактер од Министерството за правда, Генералниот секретаријат на Владата на РМ, Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, Општините во Република Македонија, Одделенијата за катастар на недвижности и други институции и органи.