На 5 и 6 февруари (четврток и петок), во хотелот „Арка“ во Скопје, во организација на TAIEX – Инструментот на Европската Комисија за техничка поддршка и размена на информации во соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, ќе се одржи дводневна работилница на тема ”Размена на искуства за спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Целта на оваа работилница е размена на најдобрите искуства и на добрите практики на Комисијата со земјите членки на ЕУ во спроведувањето на законите за слободен пристап до информации од јавен карактер, во функција на поттикнување на транспарентноста во оваа област.
Покрај експерти од Хрватска, Словенија и Полска, членовите на Комисијата и вработените во нејзиниот Секретаријат, на овој меѓународен работен собир се поканети и претставници од највисоките инстанци од сферата на судската власт во Република Македонија, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања, Комисијата за заштита од дискриминација, Државната комисија за спречување на корупција, Комисијата за верификација на факти , како и од ЗЕЛС.