Од вкупно поднесените 330 жалби во текот на 2007–та година, согласно можностите што им ги дава Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, граѓаните дури 197 жалби поднеле против државните институции. Незадоволството од таканареченото „немо одбивање“, или ненавремено доставување на бараната информација, како и од нецелосната односно делумна аргументација на пооделните барања, граѓаните го манифестирале и со поднесување на други 37 жалби против политичките партии, како и на 28 жалби против акционерски друштва.
Во споменатиот период, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер како второстепен орган имаше обврска да се произнесе и по 22 жалби поднесени против единиците на локалната самоуправа, односно по 19 жалби поднесени од барателите на информации од јавен интерес во знак на незадоволство од практикувањето на ЗСПИЈК од страна на органите на судската власт.
Во календарската 2007 се поднесени уште и 15 жалби против јавни претпријатија и установи кои вршат дејност од јавен интерес, 11 жалби против образовни институции, како и 1 жалба против физичко лице.