Во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, согласно Годишната програма за генеричка обука на државните службеници, денеска во Домот на Армијата на Република Македонија во Скопје, се одржа обука на тема „Системот на јавната администрација и државна служба во Република Македонија“. Обуката беше наменета за стручните државни службеници вработени во текот на 2011 година, а со цел запознавање на нововработените лица во администрацијата со целокупниот систем на државна служба во земјата.
   Свое обраќање на оваа едукативна средба имаше и претставник од Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кој во куси црти ги запозна присутните со историјатот и  постоењето на Законот за заштита на правото  на слободен пристап до информациите од јавен карактер, како и со поволностите што за граѓаните ги нуди ова релативно ново уставно загарантирано право.