Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер укажува дека согласно член 8 став 3 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, службеното лице за посредување со информациите контактира и ги дава потребните информации и му помага на барателот на информации, за што води посебна евиденција за примањето на барања за информации од јавен карактер, чувањето и давање на информации.
Пристигнатите барања во врска со слободниот пристап до информациите од јавен карактер, треба задолжително да се заведуваат во деловодник. Затоа Комисијата сугерира во Планот за архивските знаци за распоредување на актите кој го подготвуваат имателите на информациите, согласно член 1 од Упатството за начинот и техниката на постапување со документерниот материјал и архивската граѓа во канцелариското и архивското работење („Службен весник бр.60/97), во Посебниот дел, после последниот број кој произлегува согласно законски надлежности и организација за работа, да биде воведен посебен број-архивски знак за заведување на предметите кој ќе гласи „слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Комисијата воедно укажува дека при барањето на согласност за Планот за архивските знаци за распоредување на актите за 2007 година до Архивот на РМ, имателите на информации треба да ја имаат во предвид оваа обврска согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Комисијата смета дека на овој начин полесно ќе соработува со имателите на информациите, не само по однос на пристигнатите предмети туку и при подготвувањето на Годишниот извештај.
Годишниот извештај согласно член 37 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, имателите на информациите треба да го достават до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер до 31 јануари во тековната година за претходната година, а Комисијата до Собранието на РМ до 31 март во тековната година за претходната година.