По трет пат од своето формирање, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер даде активен придонес во одбележувањето на меѓународниот ден за слободен пристап до информации „Имам право да знам“. На пригодната свеченост одржана во Клубот на пратениците во присуство на поголем број службени лица задолжени за посредување со информациите од јавен карактер, на значењето на овој Ден се осврна членот на Комисијата, Љубица Станојовска.
Притоа, таа потсети на состанокот одржан на 28 септември 2002 година во Софија, каде претставници на невладини организации од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, формираа Мрежа на бранители на слободата на информирањето. „Македонија е една од 80-те земји во светот кои имаат донесено законска легислатива за слободен пристап до информации од јавен карактер“, истакна Станојовска.
Таа посочи дека Комисијата настојува да го намали јазот помеѓу барателите и имателите на јавни информации, укажувајќи постојано на разните начини и можности граѓаните да го остварат правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во изминатите две години значително е зголемен интересот за користење на ова право, но и понатаму Комисијата преку разни видови на активности и кампањи ќе настојува да го афирмира правото на пристап до информации.
Во тој контекст, на свеченоста беше промовиран краток анимиран филм, со кој ќе започне медиумска кампања за промоција на Законот, а беше направен и пресек на остварените активности на Комисијата во изминатиот едногодишен период. Меѓу другото, на службените лица им беа претставени и поделени публикацијата – Прирачник за промоција на правото за слободен пристап, плакат – постер во кој е опишана комплетната постапка од моментот на поднесување па до добивањето на информација, како и Информација во која се содржани бројни податоци, анализи и детали за двегодишната примена на Законот за СПИЈК. Сите овие пропагандни материјали, како одржаните и планираните обуки наменети за едукација на службените лица се реализирани со финансиска поддршка на Британската амбасада во РМ и во соработка со Македонскиот институт за медиуми.
Станојовска укажа и на започнатата постапка за подготовка на измените и дополнувањата на постоечкиот Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со цел да се отстранат присутните и констатирани недоречености и недоследности и да се зголеми неговата примена во остварувањето на уставно загарантираното право на пристап до информации од јавен карактер.