Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер денеска на прес – конференција ги соопшти најзначајните активности што ги реализираше во календарската 2011 година. Во присуство на поголем број претставнци на електронските и печатените медиуми, членот на Комисијата и нејзин портпарол Бобан Пановски, соопшти дека како второстепен орган кој одлучува по жалбите од барателите на информации, од први јануари до денес Комисијата одржа 19 седници, на кои постапуваше по 387 доставени или пренесени жалби од минатата година.
Тој додаде дека во годината што е зад нас, Комисијата максимално посветено се ангажираше и на имплементацијата и натамошната афирмација на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со акцент на релативно новото право загарантирано со Уставот на Република Македонија. Во овој контекст Комисијата со финансиска поддршка од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во периодот од 9 мај до 1 јули, во десет центри на локалната самоуправа одржа десет регионални обуки на тема: “Право на слободен пристап до информации од јавен карактер“ наменети за граѓаните, здруженијата на граѓани, невладините организации, како и за службените лица кај имателите на информации од јавен карактер, кои директно учествуваат во спроведување на Законот.
Идентични обуки за службените лица во организација на општините Струга, Битола и Делчево, а во соработка со Комисијата, есенва се одржаа и во овие општински регионални центри.
Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Европската Комисија, преку инструментот ТАIEХ, организираше три меѓународни работилници, со учество на експерти од Словенија, Германија, Малта и Естонија.
Претставник од Секретаријатот на Комисијата зеде активно учество во работата на Семинар во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, како и на Меѓународна Конференција организирана од Дирекцијата за заштита на личните податоци со поддршка на Делегацијата на ЕУ и проектниот тим на ИПА.
Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Пеце Ташевски и Парламентарниот Комесар за заштита на личните податоци и слобода на информирање на Унгарија Andras Jori, во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка со желба да ја регулираат и зајакнат соработката меѓу двете институции.
Претседателот на Комисијата, Пеце Ташевски и Берлинскиот Комисионер за заштита на личните податоци и слободата на информирање, Александер Дикс (за време на неодамнешната негова посета на Комисијата) потпишаа Декларација за соработка меѓу двете сродни институции.
Во функција на запознавање и едукација на граѓаните за нивното законско право за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Комисијата во соработка со Македонската радио телевизија, подготви телевизиски спот во траење од 45 секунди, кој се емитува секојдевно во два термина на првиот и вториот канал на Јавниот радиодифузен сервис. Спотот е снимен двојазично, на македонски и на албански јазик.