Во рамките на проектот на УСАИД за јакнење на судството, денеска во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, се одржа специјална обука на тема „Управување со судовите во услови на финансиска криза“, наменета за претседатели на судови и судски администратори од Република Македонија. Обуката ја реализира судијата Берт Ман од Холандија, кој ги пренесе искуствата и добрите практики на системот на управување со холандските судови, а воедно даде и свое видување и препораки за управување со судовите во посебни услови.
Во функција на зголемување на транспарентноста на судството и слободниот пристап до информациите од јавен карактер, претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски одржа презентација на тема „Барање за слободен пристап кон јавни информации“.
Напоменувајќи дека Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, темелен на член 16 од Уставот на Република Македонија се применува веќе шест години, Ташевски информираше дека право на слободен пристап до информации имаат сите физички и правни лица вклучително и странски државјани, без дискриминација по било која основа. Појаснувајќи ја постапката за поднесување на барање, тој подвлече дека секој орган на судската власт е должен со акт да определи едно (или повеќе службени лица) кое ќе контактира со барателите и ќе посредува при остварување на нивното право на пристап до информациите од јавен карактер. Обврска на службените лица е да им помагаат на барателите, со цел на брз и едноставен начин, со помалку трошоци и во што е мошно покус рок да ја добијат бараната информација, како и да им укажуваат помош во случај на потреба на дополнување на барањето.
Запознавајќи ги присутните дека барањето може да биде поднесено усно, писмено или во електронска форма, Ташевски појасни дека барателот може да добие пристап до бараната информација со увид, препис, фотокопија или во вид на електронски запис.
Апелирајќи на поголема транспарентност на имателите , а во тие рамки и на судовите, Ташевски оцени дека подоследната примена на Законот ќе значи и поголема доверба на граѓаните во работа на институциите, вклучително и на судските органи.