Лицата задолжени за посредување со информациите  од јавен карактер од  81 единица на локалната самоуправа, вклучително и градот Скопје, поделени во две групи ќе имаат можност да ја проследат обуката на тема  „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Обуките  ќе ги  реализираат стручни лица од Секретаријатот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Денеска предавачи ќе бидат, Цветан Станоески и Макфирете Морина, додека предавачи на утрешната втора група посетители на обуката ќе бидат Цвета Трајковска и Јорданка Стојкова.
Овие едукативни средби имаат за цел запознавање на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските за имателите на информации кои произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Поради природата на дејноста и информациите со кои располагаат единиците на локалната самоуправа,,  се значајни но и атрактивни иматели на информации од јавен карактер и за граѓаните, но и за претставниците на невладините здруженија и организации.
Со одржувањето на двете обуки, всушност ќе се пристапи кон практична реализација на Меморандумот за соработка, кој неодамна во името на двете институции го потпишаа, претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија-ЗЕЛС, Коце Трајановски и претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски.