Денеска во просториите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап информациите од јавен карактер, се одржа обука на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер “. Обуката ја реализираа Јорданка Стојкова и Цвета Трајковска, стручни предавачи од Секретаријатот на Комисијата, а на неа присуствуваа 15 новоназначени службени лица, како и лица кои досега од различни причини не посетувале обука или пак побарале дополнителна едукација, од вкупно десет државни институции, општини, јавни претпријатија, инспекторати и меѓуопштински центри за социјална работа.Обука 17 мај 2Обуката е во функција на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските кои за нив произлегуваат од него, како и начинот на остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Покрај историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и законската легислатива, на присутните службени лица им беа претставени во детали и постапката по барање информација од јавен карактер, текот на жалбената и прекршочна постапка, како и начинот на подготовката на Годишниот извештај, како законска обврска на имателите. На обуката беа анализирани и примери од праксата, при што службените лица преку проактивно учество, изнесоа свои видувања и ставови за тоа како би постапиле во дадените ситуации.
Со денешната обука всушност почна реализацијата на нов циклус обуки наменети за лицата кои посредуваат со информации од јавен карактер. Согласно Планот за обуки за месец мај, што неодамна го донесе Комисијата, следната обука е предвидена за 26 мај.
Двајца претставници од Секретаријатот на Комисијата на 30 мај ќе одржат предавање и во рамките на советувањето на тема „Примена на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Советувањето е наменето за лицата кои постапуваат по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, од сите обвинителства во Република Македонија.