Студиската посета реализирана со помош на инструментот TAIEX на Европската Комисија, беше на тема: „Имплементацијата на тестот на штетност во сферата на слободниот пристап до јавните информации „.
На средбата со домаќинот, претседателот на Унгарскиот Национален Орган за заштита на податоци и слобода на информации, др.Attila Peterfalvi, беше извршена размена и споредба на меѓусебни искуства и знаења на полето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер. По разговорите, претседателите Ташевски и Peterfalvi потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете сродни институции.
Македонската делегација на одвоена средба беше примена и од шефот на одделението за слободен пристап до информациите др. Katalin Somogyvari, која информираше за одредбите на унгарскиот ИНФО – закон од 2012 година, а стана збор и за спроведувањето на тестот на штетност.
Адвокатите др. Krisztian Osztopani и др. Peter Buzas на средбата со гостите од Македонија, се осврнаа на улогата на судовите и нивната поврзаност со слободниот пристап до информации, а беа посочени и конкретни примери на оваа тема од праксата на судовите во Луксембург, односно Стразбур.
Претставниците на Комисијата остварија средба и меѓусебни консултации и со судиите др. Agota Kovaliczky и др. Szabolcs Kekedi, од Академијата за судии на Унгарија, специјализирани за случаи од сферата на слободниот пристап до информациите од јавен карактер и за анонимизација на пресудите.
Унгарските адвокати др. Balazs Mayer и др. Dora Majsa пред членовите на Комисијата елаборираа за слободата на информациите наспроти деловната тајна, додека извршниот директор и директорот на правниот сектор на Транспаренси интернешнел на Унгарија, Peter Jozsef Martin и др. Miklos Ligeti, ги запознаа гостите со дејноста на оваа невладина организација.