Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер Пеце Ташевски и Парламентарниот Комесар за заштита на личните податоци и слобода на информирање на Унгарија Andras Jori, денеска во хотелот „Стоун Бриџ„ во Скопје, со желба да ја регулираат и зајакнат соработката меѓу двете институции потпишаа Меморандум за соработка.
Со овој акт потписниците се обврзаа да ја развиваат меѓусебната соработка од подрачјето на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, со почитување на законодавството на своите држави и со почитување на потребите и конкретните можности .
Идната соработка е предвидено да се одвива во насока на подобрување на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, особено на следните подрачја: усогласување на националното законодавство со acquis communautaire, односно со европските и меѓународните стандарди, јакнење на институционалната структура преку градење на институциите, односно обезбедување на спроведувањето на законите, како и подготовка и стимулирање на професионалните вештини на државните службеници во областа на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Во Меморандумот за соработка, меѓу другото, зацртано е и учество во twinning и во други мерки со кои се засилува административниот капацитет, финансирани преку програмите на Европската унија, како и популаризирање на постигнувањата на двете страни во областа на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, со спроведување заеднички консултации, иницијативи и други активности.
Соработката меѓу двете институции, исто така, ќе се одвива преку консултации и координација на техничката и административна помош за размена на информации за важечкото законодавство, обука на експерти од областа на заштитата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, организирање на студиски посети, семинари, работилници, тркалезни маси и конференции, со учество на експерти и службени лица од двете страни, како и соработка при стручните истражувања и расправи, како и преку размена на експерти во сектори од заемен интерес.