Денеска во Скопје, претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер на Република Македонија, Пеце Ташевски и претседателот на Нотарската комора на Република Македонија, Зорица Пулејкова, потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете институции. Документот е со важност од пет години, а има за цел развивање и јакнење на соработката поврзана со имплементацијата на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Двете страни се обврзаа да организираат континуирани обуки за нотарите во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Обуките се во функција на подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на целната група со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и можностите и обврските кои произлегуваат од него.
За реализација на обуките и другите активности во рамки на меѓусебната соработка, Комисијата и Нотарскатата комора ќе вршат размена на искуства и знаења преку формирање на заеднички тимови на обучувачи и рабoтни групи, при што обучувачите од Секретаријатот на Комисијата на обуките ќе пренесат повеќе практично искуство отколку чисто теоретско познавање. Меморандумот, исто така, предвидува и можност за склучување на спогодби и договори кои можат да помогнат во развојот на слободниот пристап до информации од јавен карактер.