обсеобсе 1Претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пеце Ташевски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет, денеска во просториите на Комисијата потпишаа Меморандум за соработка. Со Меморандумот,  двете страни се обврзаа да соработуваат на реализацијата на Проектот „Унапредување на принципите на добро владеење согласно одредбите на Охридскот Рамковен договор“.
   Проектот ќе опфати 22 етнички мешани општини: Бутел, Брвеница,Чаир, Јегуновце, Чашка, Куманово, Тетово,Сопиште, Студеничани, Петровец, Зелениково, Крушево, Струга, Дебар, Кичево, Зајас, Осломеј, Гостивар, Шуто Оризари, Сарај, Теарце и Градот Скопје. Секоја општина ќе биде претставена со 3-4 учесници (службени лица задолжени за посредување со информациите од јавен карактер),претставници на медиуми и застапници од невладиниот сектор. Предвидено е одржување на четири дводневни обуки за по  20 до 25 учесници од етнички мешани средини, кои би се реализирале во периодот мај-септември. Се очекува обуките да придонесат за подобрување на ефикасноста во работењето и транспарентноста на општините, пред се  од аспект на навремено одговарање на барањата за пристап до информациите од јавен карактер.
   Изразувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум, амбасадорот Брет, нагласи дека активностите на Комисијата поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ќе бидат поттик за поголема институционална одговорност и отчетност, што ќе придонесе и за зголемување на транспарентноста , како и за поголемо учество на граѓаните во остварување на ова релативно ново уставно право. Тој истакна дека е почестен што ја има Комисијата за свој партнер и искажа готовност за продолжување на соработката и во други области од заеднички интерес.